Енергична и ведра, со постојана насмевка и исклучително топол и пријателски пристап, популарната американска авторка на психолошки трилери Сара Пеканен викендов се сретна со македонските читатели на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“, на Саемот на книгата. Во позитивна атмосфера во арената „Борис Трајковски“, каде љубителите на добриот трилер создадоа долги редици, Пеканен ја промовираше и потпишуваше својата книга „Куќа од стакло“, привлекувајќи големо внимание и интерес.

Со искрена љубопитност и посветеност, таа помина повеќе од два и пол часа во разговор со своите фанови – одговарајќи на прашања за нејзината кариера, инспирацијата зад делата и процесот на пишување, но и внимателно слушајќи ги нивните лични впечатоци. Секој посетител доби момент на внимание и непосредна комуникација, што ја направи средбата не само книжевен настан, туку и топло и незаборавно доживување за сите присутни.
















