Австралиските власти соопштија дека ќе ги олеснат визните пречки за доселување и работа во земјата, поради растечкиот тренд на недостиг од соодветни кадри во одредени сектори.

Годинава доселенички визи ќе им бидат издадени на речиси 200.000 лица, или 35.000 повеќе од лани. Невработеноста во Австралија е најниска во последните 50 години, додека работодавачите имаат потреба од пополнување на 480.000 работни места за кои не можат да најдат соодветен кадар.

Најголемиот дефицит на работна сила е во туризмот угостителството, здравството, земјоделието и индустриите за кои се потребни специфични вештини.

На конференцијата за работна сила во Канбера беше заклучено дека токму поради недостатокот на соодветни кадри земјата е пред хаос на аеродромите, во болниците, а дел од земјоделските плодови годинава скапуваат по нивите затоа што нема кој да ги собере.

Австралиските власти велат дека продолжуваат со политиката на обезбедување прво работа за Австралијаните, но и доколку теоретски се пополни секое слободно работно место со домашни кадровски ресурси, пак останува огромен дефицит на работна сила од неколку стотици илјади.

Недостигот на работна сила е долгорочно лоциран, предвиден и пресметан во Австралија, која и до сега имаше политика на дозволени годишни квоти на доселување, но се смета дека ковид-пандемијата неколкукратно, нагло го зголеми проблемот кој стана видлив и почна да ја загрозува функционалноста на одредени сектори.

И покрај ковид мерките, во последните три години се смета дека во Австралија трајно се доселиле речиси 1 милион нови жители.

Во функција на новата политика на поголемо отворање на вратите за странска работна сила, владата одвои буџет и за зголемените трошоци за администрирање и ангажирање повеќе државни службеници кои ќе работат на побрзо разгледување и издавање работни визи.
