Станимир Пелифановиќ е еден од лицата без државјанство во Битола. Никогаш не ни помислувал дека на старост ќе мора да докажува дека од дете живеел само овде и никаде на друго место. Дури и бил во војска, а има и работен стаж, но денес има само привремен престој, како странец и никакви граѓански права кои следуваат со државјанството.
Вакви лица во Македонија има околу 500. Дел од нив – со години водат правна битка со институциите на државата. Во Битола моментално се работи на четири вакви случаи. Со решавањето на овие четири случаи ќе се реши статусот на нивните семејства.
И Аки Салиевиќ е во поодминати години, но се чувствува способен да работи за лекувањето на својата внука. За жал не смее – освен да собира шишиња на црно.
Во канцеларијата за бесплатна правна помош, во МКЦ во Битола, велат дека правото на работа на овие лица, е само едно од правата кои им се ускратени.
Во МВР Битола, велат дека прават се што е во нивна моќ да им излезат во пресрет, но дека сепак, лицата без државјанство мора со документи да го докажат нивниот долгогодишен престој во државата. Обезбедувањето документи за овие лица, кои во Битола се претежно Роми без постојана адреса на живеење, оди тешко.
Хуманоста и во овој случај значи заобиколување на законите. За среќа има лекари кои се чувствуваат обврзани со Хипократовата заклетва и се „снаоѓаат“ за никогаш да не вратат пациент, кој им побарал помош. Таков е примерот со општиот лекар Др. Стефан Раденков кој скоро секогаш им излегува во пресрет на ваквите лица колку што може.
Станимир и Аки се плашат дека нема да доживеат да го дочекаат државјанството. Тоа не е обичен страв од смртта туку и практичен проблем на нивните деца, затоа што според закон, овде не им следува ни погребнина.
Некои истражувања покажуваат дека на секои 10 минути во светот се раѓа дете кое ќе биде без државјанство. Додека не се реши овој проблем, бездржавјанството ќе води до исклученост на овие лица од општеството, живеење живот на маргините, во сиромаштија, и соочување со дискриминација.