БИТОЛА – ЈКП „Водовод“ – Битола информира дека континуирано го следи и контролира квалитетот на водата за пиење, со цел на граѓаните да им обезбеди безбедно и сигурно водоснабдување.
Според информациите од претпријатието, преработката на водата се врши во Филтерската станица Дихово, каде што Одделението за санитарна контрола и третман на вода за пиење спроведува 24-часовен мониторинг на целиот процес и на квалитетот на водата.
Во периодот од 2023 до 2025 година биле извршени вкупно 16.622 лабораториски анализи, од кои 8.786 физичко-хемиски и 7.836 микробиолошки. Тоа претставува повеќе од 5.400 анализи годишно, односно во просек околу 15 анализи дневно.
Контролите се вршат на суровата вода, на преработената вода во филтерската станица, како и на примероци земени од повеќе локации низ дистрибутивната мрежа. Дополнителни испитувања се спроведуваат при дефекти, пуштање во употреба на нови водоводни линии и по пријави од корисниците.
Од ЈКП „Водовод“ посочуваат дека, покрај интерните лабораториски анализи, квалитетот на водата редовно го проверуваат и надворешни овластени и акредитирани лаборатории, согласно важечките законски прописи.
Испитувањата се реализираат според Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, а резултатите од анализите покажуваат дека водата која се испорачува преку водоснабдителниот систем на ЈКП „Водовод“ – Битола ги исполнува сите пропишани стандарди за безбедност и квалитет.
Од претпријатието најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со редовен мониторинг и унапредување на процесите, со цел на граѓаните да им обезбедат сигурна, безбедна и квалитетна вода за пиење.
















