Германија и Франција се сепак против идејата, на руските туристи да им се забрани да патуваат во Европа. Од дводневниот министерски самит на ЕУ во Прага се очекува да произлезе заклучок со образложение – зошто таквата забрана би имала спротивни ефекти.
Главните аргументи се дека на Русите треба да им се дозволи, дури и да се поттикнат што повеќе да патуваат низ западните земји за одблиску да ги видат и да се запознаат со придобивките на животот во услови демократија и почитување на човековите права и други вредности на западната цивилизација.
Во неофицијалниот документ, кој се очекува да биде предложен од Франција и Германија, како одговор на барањата на балтичките земји од ЕУ за ембарго за руските туристи во ЕУ, се вели дека руските граѓани не треба да се поистоветуваат со руската влада, ниту пак сите Руси да се идентификуваат со политиките на Кремљ.