Субкомпактниот хечбек ќе се придружи на новата генерација на модели ASX во освеженото портфолио на компанијата за Европа. „Колт“ – името кое јапонскиот производител не го користи извесно време, се враќа во гама за 2023. Mitsubishi „ќе го обелува образот“ со оваа ознака но пред тоа мора да биде неактивeн една година.
Субкомпактниот хечбек се враќа во Европа токму на време за да ја прослави 60-годишнината од лансирањето на оригиналниот Colt 600 од 1962 година.
Техничките спецификации засега се тајна, но од Mitsubishi велат дека Colt ќе биде поставен на CMF-B механичката платформа на алијансата Renault-Nissan во 2023 година. Тоа значи дека малиот хечбек со 5 врати ќе биде механички поврзан со модели како Renault Clio и Nissan Micra.
Првата фотографија покажува дека сосема новиот Colt ќе има „скриени“ рачки на задните врати, поставени на столбот Ц. Значката „Hybrid EV“ на предната врата открива дека се планира електрифициран погон.
Ова е веројатно истата конфигурација што ја користи Clio E-Tech Hybrid каде бензинската атмосфера од 1,6 литри работи заедно со електричниот мотор за да испорача комбинирана моќност од 140 КС.
Покрај моделот Colt, Mitsubishi на Европејците ќе им понуди и нов ASX, како сестрински модел на Renault Captur. И двата модели ќе користат механика на Рено, а ќе се изработуваат во фабриките на францускиот производител. Малиот SUV ќе пристигне прво, на почетокот на следната година, а Colt нешто подоцна, есента 2023 година.