Додека уште повеќе ги заоструваат анти-ковид рестрикциите и воведуваат ригорозни мерки со целосно затворање и полициски час поради бројките на заразени и починати за кои се соопштува дека растат, кинеските власти го користат ковидот како изговор за носење закони со кои економски влијаат врз целиот свет.
Повикувајќи се на нов закон за заштита на приватноста и доверливоста на податоците, пристаништето во најнаселениот град на светот Шангај, престана да објавува податоци во реално време, според кои до неодамна секоја компанија во секое време знаеше кој колку стока има во пристаништето на залиха, кои бродови со колку стока заминале и каде, и кои бродови треба да пристигнат. Овие податоци, особено во случаите на важни суровини, како нерафинираната нафта, беа клучни за брзото формирање на цените на светските берзи во реално време.
Сега, властите во Шангај го оставија светот во информативен мрак и го вратија работењето на берзите децении на назад, кога податоци за залихите, складирањето и транспортот, се примаа еднаш дневно, во точно определено време.
Аналитичарите велат дека, користејки го ковидот, поради кој и многу странски компании во Шангај и на други места запреа со работата, Кина суптилно, но агресивно ја покажува својата реална моќ во светската економија.