Британскиот премиер Борис Џонсон им наредил на неколку ресорни министри што побрзо да ја разгледаат можноста за укинување на речиси 20% од работните места во државната администрација, во обид за заштедување на три и пол милијарди фунти годишно.
Според властите, со ковид мерките се видело дека услугите на администрацијата се одржливи и со помалку луѓе, во услови кога многумина беа на боледување, а многумина ја користеа можноста за работа од дома.
Премиерот Џонсон смета дека со овие заштеди ќе придонесе во закрепнувањето на буџетот и негово пренасочување кон мерки за справување со економската криза и зачувување на животниот стандард на нормално ниво.
Но Синдикатот на вработените во јавната администрација смета дека се работи за популистички потег на власта за добивање наслови во весниците, кој не само што нема да го зголеми стандардот туку ќе го намали, со ризик да предизвика сиромаштија кај луѓето и семејствата кои ќе останат без државна работа.