„Родното место е како наследена бунда. Ти ја топли снагата и душата. Твое е дали ќе го негуваш сјајот на крзното или ќе дозволиш да го изгрицкаат молците”
Марија Герас Дочовска (1960-2023)

Во 62 година од животот, во Битола ненадејно почина Мима Герас, претседателка на Здружението „Архам” и економски оператор на Израелската Амбасада, која целиот животен век го посвети на активности за валоризација, сеќавање и обновување на некогашните културни и економски обележја на Битола.

Бројни Битолчани, соработници на проекти, пријатели и познаници на социјалните мрежи се простуваат од познатата Мима, а нејзината блиска соработничка од Израел, внуката на Др. Хаиме Абраванел чие име денес го носи Здравствениот дом во Битола, Рашел Шели Леви Драмер, отвори група на ФБ во која секој може да сподели сеќавања и спомени за „нашата Мима”(our MIMA), која ја нарекува „една и единствена сестра во мојот живот”.