Австрискиот канцелар Карл Нехамер е првиот европски лидер кој од почетокот на руската инвазија во Украина, на 24 февруари се сретна со рускиот преседател Владимир Путин. Разговорите кои се одржаа во селото Ново Огарјово, во близина на Москва, Нехамер ги оцени како многу „директни, отворени и тешки“.
Дефинирајќи ја посетата повеќе како „должност“ отколку како „пријателска“ австрискиот канцелар рече дека најотворено побарал од Путин запирање на воените дејствија, затоа што војната и на двете страни носи само загуби. Тој побарал прекин на огнот и воспоставување на хуманитарни коридори.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека воените дејствија нема да прекинат заради никакви рунди на мировни преговори, туку само кога ќе биде постигнато целосно усогласување на барањата.
Австрискиот канцелар претходно ја посети Украина каде се сретна со претседателот Зеленски.