Светската метеоролошка организација и Обединетите нации предупредуваат дека загадениот воздух допрва ќе станува проблем, со сѐ поголема доминација на честичките со 2,5 ПМ волумен кои е тешко да се идентификуваат, а лесно патуваат на големи далечини.

Во неодамна објавената анализа во фокусот се големите шумски пожари кои предизвикаа енормно покачени нивоа на ПМ 2,5 честичките во Сибир, Канада и во западниот дел на САД.

Климатските промени, топлото време и сушното лето, кое годинава зафати голем дел од светот, се сметаат за ризик кој допрва ќе предизвикува пожари.

Обединетите нации соопштија дека поради климатските промени екстремните горештини – шумските пожари ќе станат почести, поинтензивни и подолги, што ќе го влоши квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Според проекциите на генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Јука Петери Таалас дури и со слаба емисија на CO2 и други загадувачи кои го поттикнуваат т.н. Ефект на стаклена градина, затоплувањето на планетата ќе предизвика зголемување на бројот на шумски пожари и загадување на атмосферата.

Една третина од светската популација живее во областите каде повеќе ќе се почувствува оваа појава на покачени нивоа на ПМ честичките, а тоа е поголем дел од Азија, објасни Лоренцо Лабрадор, одговорен за научни прашања во Светската метеоролошка организација. Според тоа, климатските промени, во не толку далечна иднина, би можеле да го загрозат здравјето и животот на стотици милиони луѓе.
