Независните воени аналитичари велат дека Русија и НАТО продолжуваат да си „играат мачка и глушец” низ европските води, користејќи го военото распоредување и информациите повеќе за пропаганда, покажување моќ, закана и заплашување, отколку за реална воена интервенција.
Токму затоа информациите за големите придвижувања и акции поврзани со нуклеарните подморници во меѓународни води, официјално не се потврдуваат од ниту една страна.
Независни експерти сметаат дека соопштението од италијанските власти, дека будно се следи и реагира на движењето на подморници во Средоземноморјето, всушност е потврда дека од петокот во водите на Медитеранот има „брканица” меѓу авионите на НАТО и најсовремената руска нуклеарна подморница Севернодвинск, за која сѐ уште нема прецизни информации со какви сѐ ракети и со колкав домет е опремена.
Подморницата на почетокот на јули беше забележана и актуелна во водите на Балтикот, но по напуштањето на тоа подрачје , на крајот од август се појави во Медитеранот.
Во меѓувреме се случи уште едно големо придвижување на руска нуклеарна подморница, имено – крстаречкиот брод Маршал Устинов кој на 24 август го напушти Медитеранот, е видена блиску до каналот Ла Манш, што е многу блиску до копното на Велика Британија, Франција и Ирска.
Според независните воени аналитичари кои будно го следат секој поморски чекор поврзан со војната во Украина, малку е веројатно дека би дошло до вистински воен судир или до активирање на арсеналот на подморниците, но во секој случај се работи за големи стратегиски маневри кои треба да имаат пропаганден психолошки ефект на закана и покажување моќ.
Засега ништо од ова не е официјално потврдено од ниту една страна – воздржаност која само го потврдува огромниот пропаганден ефект на ваквите застрашувачки маневри, со кои военото разузнавање на двете страни е преокупирано со полна пареа.