Дијалогот за геостратешко партнерство на највисоко ниво меѓу Вашингтон и Делхи продолжува и покрај одбивањето на Индија да заземе осудувачки став кон руската интервенција во Украина. И покрај тоа што американскиот претседател Џо Бајден го нарече ставот на Индија превртлив, а индискиот премиер Нарендра Моди продолжува да промовира дијалог за решавање на војната во Украина, САД и Индија заеднички соопштија дека ги продолжуваат разговорите за меѓусебна соработка на највиско ниво. По виртуелната средба Бајден – Нарендра ќе следи продолжување на разговорите 2+2 меѓу министрите за надворешни работи и за одбрана на двете земји.
Непланираната виртуелна средба на врвот, на барање на Белата Куќа според американската страна треба да доведе до продолжување на блиските односи меѓу САД и Индија кои изминатите години се оддалечиле и оставиле простор за Русија, поради тоа што САД се занимавале со други прашања. Соработката во трговијата, технологијата, образованието и безбедноста се на врвот на агендата, со акцент дека безбедносното партнерство е клучно за воспоставување на заеднички геостратешки безбедносен појас на Индо-Пацификот.
Високо на агендата се враќа и т.н. четирипартитен безбедносен пакт КВАД во кој освен САД и Индија, членуваат и Австралија и Јапонија.