Суплементите на витамин Д може умерено да го намалат крвниот притисок кај постари лица, но повисоките дози не носат дополнителна корист, покажува ново истражување. Студијата опфатила 221 учесник со просечна возраст од 71 година, кои една година земале ниска или висока доза витамин Д во комбинација со калциум.

Резултатите покажале намалување и на систолниот и на дијастолниот притисок кај двете групи, при што разликите меѓу високата и ниската доза биле минимални. Најголем ефект бил забележан кај лица со прекумерна тежина, висок притисок и ниски нивоа на витамин Д. Истражувачите предупредуваат дека повеќе не значи подобро, бидејќи витаминот Д може да се наталожи во организмот. Дополнително, резултатите не се целосно применливи за сите, бидејќи учесниците биле постари лица и земале и калциум.

Експертите советуваат витамин Д да се внесува преку сончева светлина, исхрана или суплементи, но исклучиво по консултација со лекар. Покрај тоа, здравите навики како правилна исхрана, физичка активност и намалување на стресот остануваат клучни за контрола на крвниот притисок.

















