ЈКП „Водовод“ – Битола упати апел до сите граѓани за рационално и одговорно користење на водата во текот на летниот период, кога поради високите температури и зголемената потрошувачка се создава дополнителен притисок врз водоснабдителниот систем.
Од претпријатието ги повикуваат корисниците да избегнуваат непотребно трошење на водата и да ја користат совесно, со цел да се обезбеди стабилно и непречено водоснабдување за сите жители.
Воедно, ЈКП „Водовод“ – Битола апелира до граѓаните навремено да ги подмируваат своите сметки за вода. Редовното плаќање, посочуваат од претпријатието, е од особено значење за непречено функционирање на системот и за избегнување на можни санкции предвидени за нередовните плаќачи.
Од ЈКП „Водовод“ – Битола им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и соработката, нагласувајќи дека со одговорно користење на водните ресурси и навремено исполнување на обврските, сите заеднички придонесуваат кон сигурно и квалитетно водоснабдување.














