По двата обиди да се прикаже животот на култната Ејми Вајнхаус која кратката, но вртоглаво успешна музичка кариера ја заврши заедно со животот, со труење со алкохол во 2011 година, во најава е нов филм за Ејми, овој пат за првпат со поддршка на нејзиното семејство.
Семејството жолчно реагираше на обидот на Асиф Кападиа да го прикаже животот на Ејми преку истоимениот документарен филм во 2015. Иако филмот стигна до Оскарите семејството на Ејми никогаш не го прифати како вистинит, тврдејќи дека Ејми е прикажана како лоша и проблематична преку изнесување на толкувања на факти кои не се вистинити. Таткото на Ејми тогаш изјавуваше дека филмот е ужасен и дека ја злоупотребува трагедијата на неговата ќерка.
Втор, „попристоен” обид да го прикаже животот на Ејми, по повод 10 годишнината од нејзината смрт во 2021 направи БиБиСи, куќата во која таа како многу млада девојка дебитираше во живо и беше претставена како неоткриен извонреден музички талент.
Во 2015 година имаше и обид да се сними игран филм во режија на Кристен Шеридан, но од филмот не излезе ништо.
Овој пат таткото на Ејми, Мич Вајнхаус, уште од 2018 година е во постојан контакт со продуцентките Алисон Овен и Дебра Хајвард во обид да се смисли достоен начин со кој би се славел животот на Ејми, а вклучена е и Фондацијата со нејзиното име, која поддржува млади сиромашни талентирани уметници на патот кон успехот, но и обезбедува рехабилитација на млади кои имаат проблем со алкохолот.
Новиот филм кој носи работен наслов „Бек ту блек“, ќе го режира Сем Тејлор Џонсон, а очекувањата се ликот на Ејми да го толкува некоја млада непозната лондонска актерка без искуство, која допрва треба да биде откриена од лондонските улици.
Обожавателите на Ејми, но и познавачите на шоу бизнисот се сепак сомничави кон чесните намери на новиот проект, особено по најавата дека по филмот ќе следи холограмска светска турнеја на покојната Ејми, што упатува на правење пари, а не славење на пејачката, како главна цел на филмот.