По силно полициско обезбедување, легитимирање, па дури и претреси на поединци денес сепак се одржаа едногласни протести на кои членови на граѓански здруженија и сојузи, политички партии, претставници на црквата и битолчани кои самоиницијативно се придружија кон заедничкиот револт поради отворањето на т.н. бугарски клуб или културен центар кој го носи името на контроверзниот Иван Михаилов.
Битолчани отворањето на бугарскиот центар го доживеаја како провокација и пропаганда во прилог на тврдењето на бугарската официјална политика дека во Македонија живеат Бугари кои се репресирани и се плашат отворено да се изјаснат за својата етничка припадност.
Отворањето на центарот целосно финансиран од бугарската држава во срцето на Битола ги налути битолчани кои ги пречекаа гостите од Бугарија со транспаренти со кои се бара и почитување на правата на Македонците од оваа евро-атланска членка, согласно меѓународните конвенции.
Отворањето на центарот како ниту една друга политичка тема до сега ги обедини битолчани од различни политички определби и идеологии.
Во високата делегација предводена од премиерот Кирил Петков беа и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, потпретседателка на Бугарија Илијана Јотова, пратеничката Екатерина Захариева, па дури и Красимир Каракачанов.
За време на посетата низ цела Битола беше забележано големо присуство на полиција, неколку улици во центарот на градот беа целосно затворени, а обезбедена беше и целата траса до селото Кравари каде гостите од Бугарија слетаа со хеликоптер. Следна нивна дестинација е градот Охрид.