Пред четири месеци како мигрант тргна од Алжир, преку Шпанија и Франција стигна до Белгија, со намера привремено да остане и да бара начин да влезе во Велика Британија. Сега плановите му ги менува едно лото ливче со добивка од 250.000 евра кои не може да ги подигне затоа што нема никакви документи, ниту сметка во банка.

Алжирецот кој од разбирливи причини сака да остане анонимен, сега пред судот во Бриж се обидува да го оствари правото на добивката од грепката која ја купил токму во тој град. Нема документи, ниту сметка, а не му успеал ниту обидот, преку пријател со исправни документи да ги подигне парите.

Доколку судот дозволи, сега треба преку неговото семејство во Алжир и тамошните власти да ги обезбеди потребните документи, без кои му се заканува можност не само да не ја добие наградата, туку да биде депортиран. Младиот Алжирец вели дека добивката од 1/4 милион евра сега му ги менува плановите, дека сака да остане во Белгија, да купи стан и кола и да основа семејство.