На островот Кижи, среде езерото Онега во областа Карелија во Русија блиску една до друга се наоѓаат највисоката и најстарата дрвена црква.

Комплексот на црквата Свето Преображение, кој во минатото имал улога на активна црковна општина, како манастирски комплекс од парохиски отворен тип, со гробишта, кујна, училници и преноќевалишта како административна целина, од 1990 година е под заштита на УНЕСКО, а од минатата година од Музеј повторно е претворена во активен храм во кој се одржуваат и црковни служби.

Црквата со 22 куполи е висока 37 и пол метри, има пирамидална архитектонска форма и се смета за највисока дрвена црква на светот, во која нема ниту една метална шајка, а ја изградил рускиот император Петар Велики во 18 век во чест на победата во воена битка со Шведска.
Во руските архиви постојат два века постари записи за постара црква на истото место со истото име, за која се претпоставува дека целосно настрадала во пожар предизвикан од гром.

Со оглед на тоа што во непосредна близина се наоѓаат многу постари дрвени објекти, се претпоставува дека активниот христијански живот на островот цветал со векови пред тоа.

Најимпозантен објект меѓу нив е малата скромна, исто така целосно дрвена црквичка во близина, посветена на Воскресението на Лазар која датира од средината на 14 век и во која е сочуван и дел од стариот автентичен иконопис.