Со свечено дефиле по Широк Сокак членовите на Битолската коњаница, традиционално од пред Офицерскиот дом (КИЦ) во Битола и годинава го започнуваат својот Илинденски коњички поход кон Крушево.
Маршот повторно почнува со присуство на коњаниците на Светата Божествена Литургија во црквата Свети Архангел Гаврил во Довлеџик и архиерејски благослов пред почнувањето на Походот по планинските врвици на Илинденците.
Како и секоја година, членовите на Коњаницата најпрвин се упатуваат кон славното илинденско Цапари, каде ќе се поклонат пред споменикот на бројните жртви кои ги дало ова потпелистерско село, а во нивна чест ќе има и пригодна Програма во рамките на која ќе настапи и популарниот пејач Ламбе Алабаковски.
Коњичкиот марш традиционално завршува на 2 Август – Илинден со пристигнување на коњаниците и дефиле во Крушево.