Моќта на пишаниот збор е неверојатна. За тоа, уште еднаш сведочи денешниот ден.
Овој вторник пристигнуваат одлични вести од реномираните македонски поети Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска.
Имено тие ја освоија Меѓународната награда за извонредност „Град Галатео – Антонио де Ферарис“ која по десетти пат се доделуваше на 6 октомври 2023 година во Рим, Италија.
Наградата за критика, „PREMIO SPECIE DELLA CRITICA“ е во рацете на Борче Панов, за неговата книга ,,Скулптура на дишењето“ во превод од македонски на англиски јазик на Даниела Андоновска-Трајковска.
Покрај тоа, поетесата Андоновска-Трајковска е добитничка и на наградата со наслов „Извонредност во литературата“ за нејзиниот исклучителен придонес во културата.
Престижниот литературен конкурс е организиран од VERBUMLANDIART APS, со седиште во Галатоне, чие претседателство од неговото основање ѝ припаѓа на Регина Реста, неуморна поетеса.
Ова признание е именувано по големиот доктор, хуманист, филозоф и астроном Саленто Антонио Де Ферарис.
Овој конкурс има за цел да ја подобри италијанската, но и странската извонредност, истакнувајќи ги креативните и авторските особености, оддавајќи им почит на италијанските и странските активисти и автори, благодарение на скапоцениот придонес на секој од нив во културата, уметноста, претприемништвото и професионалните, хуманистичките и научните активности.
Даниела Андоновска-Трајковска и Борче Панов добија уште една награда за својата културна активност во Задар, Хрватска. Се работи за книжевната награда „Донат“ која ја доделува Хрватското книжевно друштво со огранок во Задар која ќе им биде доделена на 28 ноември 2023 година. „Донат“ за животно дело доби познатиот македонски писател Томислав Османли.
Исто така, на денешен ден беше објавено дека Андоновска-Трајковска ја доби Меѓународната книжевна награда „Сахито“ за извонредност во книжевноста заедно со Шурук Хамуд (Сирија-Шведска), Мариела Кордеро (Венецуела) и Али Ал-Хазми (Саудиска Арабија) во конкуренција од познати светски автори, а Весна Мундишевска-Велјановска ја доби Гранд наградата од жирито заедно со Агрон Шеле (Албанија).
Македонија е горда што има вака успешни поети!
Им посакуваме уште безброј успеси!