На македонските пазари
На пазарот имаше да се купи сѐ:
таа македонска есен
земјата зборуваше низ мајките
исправени врз плодовите
што ги попрскуваат со вода,
што ги личеа пред купувачите,
што ги милуваа со рацете
– како дечињата свои да си ги милуваат.
Една старичка седеше осамена на крајот на пазарот
со стомне вода крај себе
и ретко кој ќе навратеше при неа.
Пред себе имаше спрострено многу шамичиња
полни со некои златни, небесни и црни трошки
и вели:
– потаму има сè, јас само *семе за цвеќиња продавам.
– Анте Поповски