Нови факти и сознанија за Гемиџиите. Од ФБ објавата на историчарот Диме Ратајкоски:
„Збогум мајко, илјадници бакнежи на сите… Од Еди куле се подготвивме за Родос. Отидовме во Сарајот, а оттаму по чаршијата кон параходот. Мноштво народ притрча, плачења, врескања… Бевме шест души – јас, Г. Филипчев, С. Групчев, К. Битрак, Ив. Велков, Мих. Гостилчиков Георгиев. Ние тројца охриѓани по 8 години, а другите по пет години. Бевме осудени да одлежиме на Родос…“
Овие дневнички записи се на охриѓанецот Гурко Савинов, еден од четворицата охридски гемиџии, на чиј подвиг и саможртва се сеќаваме деновиве. Ќе го започнам ова писание, токму во нивна чест, објавувајќи ги нивните досега необјавени портрети, дел од збирката фотографии на затвореници од колекцијата албуми на султанот Абдул Хамид II, осудени и затворени по повод Солунските атентати од 1903 година. Непознати за јавноста и необработувани во историската наука, охриѓаните Гурко Савин, Георги Филипче и Сандро Групче се уапсени и осудени како дел од охридската група гемиџии на Марко Бошнаков. Гурко Савинов бил уапсен на 28 април 1903 година во неговото живеалиште во Солун по извршување на атентатите. Тој пред судот одрекувал за неговата поврзаност со солунските бомбаши и бил испрашуван само за неговите врски со Марко Бошнаков. Како членови на охридската градска терористичка група на ТМОРО го помагаат извршувањето на атентатите во Солун во април 1903 година.
Овие фотографии се дел од документацијата на нивните досиеја во судскиот процес. Фотографиите се прилепени на декориран картон, на кој на стои и османотурски запис со обвинението и пресудата. Изработени се од Ерменецот Пол Зепџи во импровизираното студио во Еди куле и Сарајот, пред да бидат одведени на заточение. Осудени се на смрт, но потоа казната им била преиначена. Амнестирани се од Султанот во 1904 година. Гурко Савин е единствениот од тројцата кој ни дава подетални информации за нивната голгота. Неговите подоцнежни кратки полициски записи даваат скудни, но интересни информации:
„Животот во собата беше ужасен, вошки, болви, милиони бубачки, многумина од нас се разболеа, особено Георги Филипчев, беше многу слаб, не ни верувавме дека ќе стане, се молевме за него… Амнестија… 11. IV. 1904. Беше недела. Се подготвивме уште саботата навечер, дури спиевме и во хотелот покрај морето. Неделата пред пладне се качивме на парабродот Хаџи Даут „Александар“. Збогум Родос, со збогум не испратија родосчани, особено бакалите, браќата Фокијали, давајќи ни по еден зумбул со сардeли и два бинлака вино… Големи радости беа, други детали не можам да кажам, пишувајќи се восхитувам…“
Заробените атентатори анархисти, меѓу кои и Павел Шатев, Милан Арсов, Георги Богданов и Марко Бошнаков, биле осудени на доживотен затвор и испратени во либиската пустина. А Иван Гарванов и другите раководители на ЦК на ТМОРО биле испратени на заточение во Дијарбекир. На овој начин Организацијата била обезглавена, знатно отежнувајќи ги подготовките за Илинденското востание. Во целиот солунски процес уапсени биле околу 2.000 лица, 353 лица биле изведени пред суд, а од нив 33 биле осудени. Меѓу нив се наоѓаат и имињата на младите храбри охридски гемиџии Георги Филипче, Сандро Групче и Гурко Савин, чии имиња не сме ги чуле досега но заслужуваат да бидат споменати во македонската револуционерна епопеја.”