Најбогатиот човек на светот Елон Маск кој има мислење за секоја пригода и со само една реченица на Твитер прави „земјотреси” на берзите, во јавното мислење, бизнисот и политиката, овој пат реши да сурфа на веќе евидентното незадоволство на публиката од новата серија „Прстенот на моќта“ како продолжение на култниот „Господар на прстените”.
Речиси сите машки ликови до сега се кукавици или идиоти или и едното и другото. Само Галадриел е храбра, умна и љубезнa
– напиша Маск на Твитер, како објаснување на простата реченица со која претходно ѝ „пресуди” на серијата – Толкен се превртува во гробот.
Маск на овој начин удира и врз својот бизнис ривал, Џеф Безос, сопственикот на Амазон, во чија продукција е серијата, но и се додворува на публиката која по првите две епизоди веќе реагира бурно и негативно на серијата.
Додека критиката го оценува филмот со 84 од 100, оценката на гледачите е далеку пониска од очекувањата, со само 39% позитивни критики.
Освен реакциите за воведувањето на афроамерикански црномурести ликови кои ги нема кај Толкен, кои се оценуваат и како јавен наплив на расизам, критиките се главно насочени кон приказната, ликовите и разработката на дијалозите, за кои критичарите се едногласни дека се напишани и изглумени студено, просто, без емоции, како да ги играат роботи, а не луѓе.
Реакцијата на Маск, иако е негативна, може да предизвика и обратен ефект и да го зголеми интересот за серијата кај луѓето кои сѐ уште не ја виделе.