Пиперките се едни од најпопуларните намирници во светските кујни, а освен што се вкусни во салати, полнети или печени, тие се и исклучително хранлива храна со бројни здравствени придобивки.

Нивната боја открива колку се зрели. Зелените пиперки имаат поблагo горчлив вкус, додека со зреењето стануваат жолти, портокалови или црвени и добиваат посладок вкус. Пиперките се богат извор на железо и витамин Цe – комбинација што е особено важна бидејќи витаминот Цe ја подобрува апсорпцијата на железото во организмот.

Токму затоа се препорачуваат како природна поддршка во превенцијата од анемија, особено кај деца, жени во репродуктивен период и бремени жени. Овој зеленчук е преполн со антиоксиданти како витамините А, и Цe, бета-каротен и фенолни соединенија, кои помагаат во заштита на клетките од оштетување и можат да го намалат ризикот од воспалителни процеси, срцеви заболувања и одредени невролошки нарушувања.

Според истражувањата, жолтата пиперка има најсилна антиоксидантна активност. Покрај тоа, пиперките содржат бета-криптоксантин, кверцетин и лутеолин – соединенија со силно антиинфламаторно дејство.

Тие можат да помогнат во ублажување на воспаленијата и непријатностите поврзани со артритис, поради што експертите препорачуваат почеста консумација кај лицата со оваа состојба.

Без разлика дали ги јадете свежи, печени или полнети, пиперките се вкусен и едноставен начин да внесете повеќе витамини и заштитни хранливи материи во секојдневната исхрана.
















