УНИЦЕФ и Светската здравствена организација соопштија дека бројот на случаи на мали сипаници во светот во првите два месеци од годинава порасна за дури 79% споредено со лани.
Се смета дека причината за ваквото драстично зголемување е ковид пандемијата, односно прекинот на процесот на вакцинирање на децата од сипаници, поради преокупацијата на светот со ковид вакцините.
Иако статистичките бројки се далеку од алармантни и засега не постои опасност од пандемично ширење на малите сипаници кои се многу попреносливи од ковидот, сепак високиот процент на зголемување на случаите во светот претставува аларм за здравствените власти, да не ги потценуваат другите опасности и да внимаваат на редовноста на акциите за вакцинирање на децата.
Годинава се забележени и неколку осамени случаи на Полио во места каде што детската парализа се сметала за искоренета, што е аргумент повеќе дека имунизацијата на децата со редовните вакцинални програми не смее да се пореметува.