Дека вродениот талент мора да се надоградува со работа, не е само клише фраза која најчесто ја споменуваат успешните уметници, туку практичен рецепт за успех, кој младите денес, се чини немаат доволно трпение да го следат
Но, младиот битолчанец Никола Зацески е свесен дека дарбата со која се родил, треба постојано да ја унапредува и надградува. Рационален и приземен во врска со своите можности и планови, бескрајно љубопитен допрва да открива и учи – и околу себе и во себе, Никола има јасна визија каде, што, како и кога сака да постигне со пеењето, за кое професионално се определил преку своите студии на Музичката академија во Скопје, но и со музиката воопшто, која допрва ја открива како предизвик кој преку компонирањето му отвора нови бескрајни хоризонти.
Зошто од толку многу професии ја избравте музиката?
– Љубовта кон музиката кај мене се случи едноставно на природен начин. Првенствено се роди во мојот дом, каде што сум бил во допир со инструменти, па прво љубопитно сум ги надбљудувал, па почнав со нив детски да експрементирам. Како мал, сум знаел да застанам и да тропам на тапани, исто така да пробувам понешто на гитара, а знам и денес да застанам и да музицирам на пијано. Се разбира тоа не е професионално, да речиме на некој начин е повеќе како за моја душа. Пијаното и гитарата и денес си ги свирам онака „лаички“, но се трудам да ги усовршувам и со нив да го исполнам слободното време, кога некогаш не ми е до пеење, а и да ги применам во компонирањето.
Испирацијата за творење на музика ја наоѓам тогаш кога музицирам на овие инструменти. И тогаш сфаќам дека јас не сум само пејач, не сум само некој кој репродуцира туѓи ноти, туку и дека во мене има и моја музика, која допрва треба да излезе. Компонирањето го чувствувам како порив, желба да пренесам одредена порака која што ја чувстувам моментално.
Секој пејач кој има намера сериозно да продожи со музика, подготвува албум, во нашите денешни услови не толкун аменет за продажба, туку како основа, материјал за настапи и концерти. До каде сте со албумот?
– Новиот албумот, ќе се вика „Срцето мое тука чука“ . Работам на него подолго време, сакам да биде се како што треба, па со Господ напред, се надевам наскоро ќе се заврши и ќе биде спремен за јавноста. Албумот е претежно со поп песни.
Дел се мои песни, дел се од други искусни и докажани композитори и хит-мејкери како на пример Николче Мицевски, Глигор Копров и други со кои сѐ уште преговараме. Дел ќе бидат и преработки од стари македонски песни – една од нив е и Лихнида, а исто имам и преработки од мои колеги, професори и другари композитори. Ќе видиме на крај што се ќе влезе во конечната верзија, но секој случај очекувам, и ќе се потрудам да биде готов до крајот на годината.
Дали е лесно да сте самоук? Дали на Интернет има брзи чекори за да може да се научи да се свири на некој инструмент?
– Мојот пристап е многу поразличен од професионалните музичари, но сум имал прилика да бидам дел од тие музичари, да се дружам и да работам со нив, и ми било лесно прилагодувањето кон нив и кон нивната музика. На социјаните мрежи и на Јутуб има многу можности за учење. Еден од начините кој јас го користам се туторијалите со гитара, па така сум се трудел сам да донаучам. За разлика од пеењето кое ми беше примарна определба и имав цело време ментор со кој до ден денес, од време на време, комуницирам и од кого барам некакви совети за унапредување за тоа што го правам, затоа што сметам дека пеењето не е лесно како што сите мислат, туку бара одговорност и сложен пристап.
Ние можеби би си кажале дека пееме добро, но сепак не секогаш добро им звучиме на другите, па тука е работата на менторот кој треба да ги препознае и да ги корегира ваквите недостатоци, а потребно е и постојано усовршувања во поставата на гласот. За пијаното исто така имав ментор каде што ги научив основите, па кога го знаете тоа, потоа е многу лесно да се прилагодите и да свирите секакви други песни. Денес и за тоа има доволно на Интернет, да се научат основите за да може аматерски да се музицира и на пијано.
Дел сте од Бендот Мелем. Кажете ни повеќе за тоа?
– Бендот Мелем е група млади дечки искучително талентирани, постојат веќе две три години, најмладиот од нив е Фили, кој свири кларинет и саксофон, тој има 18 години, а другите се од една генерација на музичката академија во Скопје, од втора година. Големината на тој бенд е што секој од нив е сто процентно посветен на музиката и едноставно тие живеат за музиката. Накратко големи професионалци, посветени на својот инструмент, како јас што сум на соло пеењето така и тие. Се знаеме многу долго, па сме имале прилика да соработуваме во фолклорниот ансамбл каде што јас сум кореограф. Имавме снимено неколку видеа додека беше короната, а кога се вратив од Австралија соработувавме на поголеми настани како Пиво Фест, Зимска приказна, како предгрупа на отворањето на концерт на Нокаут во Маврово, а исто така настапуваме често низ Македонија – во Куманово, Струмица, Кавадарци, Скопје, Охрид.
Конкретни планови за годинава?
– Сакам со моето име во светот на музиката оваа година да оставам еден траг, па можеби и концерт во Битола, со оглед на тоа дека сум битолчанец. Концертот би бил еден вид микс, комбинација од досегашното мое работење во ансамблите, поп музиката, во операта, па и нешто мое …. од сѐ по нешто. Тоа, освен завршувањето на албумот, е моја желба за годинава, па ќе видиме. Во секој случај, кога се има визија, треба да се работи на нејзиното исполнување.
Кои стилови од музиката ги применувате?
– Сум израснаил со поп и традиционална музика, а се школував професионално со опера. Сите три се дел од мене, сите ги сакам слушам и се посветувам колку што можам и секој стил од нив поинаку допира и има место во мене.
Дали Вашиот сон бил да бидете пеач и музичар или е нешто сосема поинакво од тоа што сте денес?
– Секогаш мој сон бил да излезам на сцена и да го споделам тоа што сум јас, да ја споделам енергијата, без разлика како ќе биде. Прв пат со „јавен настап“ (во наводници) се сретнав и го искусив како дете од најмала возраст, преку детски настапи во фолклорот и до ден денес ја имам таа пасија од преубавите играорни спомени. Комуникацијата со публиката отсекогаш ми годела и ми годи многу. Првите настапи што сум ги имал биле со многу трема, но со тек на време и самото усовршвање на пеењето, тоа сум го победил и сум задоволен од тоа како денес го правам, но секогаш може подобро.
Ако не постоеше музика со што ќе се занимававте?
– Покрај музиката секогаш го сакам спорот. Па доколку не би се занимавал со музика, мојата професија би бил нешто поврзано со спорот. Имам и таков бекграунд, од мал сум тренирал карате, но посебно место за мене има и фудбалот. Можеби тоа и би бил – фудбалер.
Да имавте можност да се запознаете со Тоше, да требаше да напишеш песна и заедно да ја отпеете, каков наслов би носела таа?
– Тоше имаше феноменална енергија, која живее и е силна до ден денес и покрај тоа што него го нема. Ние и натаму го чувстуваме како е тука, жив меѓу нас, преку неговите песни. Затоа го чувстувам близок, како да го познавам многу добро, како со години лично да сме се знаеле, како да сме пееле заедно. А за песната, каква би била…мислам дека тој веќе ја отпеа. Пораката која ја остави со песната „Игри без граници“ ја чувствувам многу блиска, како да е моја, бидејќи колку години да имаме, каде и да сме, едноставно треба целосно да се препуштиме на тоа што го правиме и постојано, однови и упорно, без откажување да играме без граници. Би било навистина голема чест да се запознаеш со таква личност. Сите денес, и не само во музиката, треба да го следиме примерот на Тоше и целосно да се препуштиме, да се внесеме, да го работиме тоа што го сакаме максимално посветено, со целото срце и душа. Да даваме безусловно, без калкулација дали и колку ќе ни се врати.
Која е Вашата наголема поддршка ?
– Најголема поддршка отсекогаш е фамилијата околу мене. Моите најблиски во семејството ме бодреле целиот живот, секаде, што и да правам. И ден денес, кога можат ме следат секаде на настапи. За успех во музиката важна е и поддршката од соработниците. Многу е важно луѓето со кои работиш да имаат доверба во тебе, и ти во нив. Прво е довербата, а потоа се друго.