Кога се материјално кон што сме се стремеле во животот ќе исчезне, ќе сфатиме дека ни останува само едно нешто кое што сме го земале здраво за готово – здравјето.
Многу е лесно да се занемари правилниот начин на исхрана, особено во денешниот свет којшто наложува брз начин на живот. Ќе речеме „Немам време да зготвам јадење, секогаш се брзам за на работа, а потоа сум уморен. Ќе купам сендвич на пауза“ или „Премногу е да се пие толку вода во денот, кој го прави тоа..“
Правилниот начин на исхрана значи да знаеме да ги избалансираме протеините, јаглехидратите и мастите во текот на денот. Да ни стане навика да се трудиме да јадеме зеленчук со секој оброк. Оброците да ни бидат на секои 3-4 часа, а не како што ќе ни текне. И што е најважно – да пиеме доволно вода. Препорачано е да се пијат осум чаши денот, но количината на вода што му е потребна на еден организм е индивидуална. (тука се вбројува и водата што ја примаме преку храната, па млекото, чајот, некои сокови, итн. Кафето, пак, има многу кофеин, а кофеинот е психоактивна супстанца која ни помага да бидеме будни и концентрирани и е диуретик. Тоа значи дека е супстанца која што го тера телото да произведува многу урина.) Треба предвид да се земе висината, тежината и, секако, активноста на човек. Па така, ако решите да трчате некаде во природа – не заборавајте го шишето вода!
Многупати имам чуено „Јас не пијам вода, не се потам толку.“ Хм. Колку ли е ова погрешно. Нашето тело содржи околу 60% вода. Секој ден внесуваме различна храна која различно ни влијае и водата е таа што го прочистува организмот. Не кафето. Не алкохолот. И потоа ни е чудно што болниците ни се преполни со луѓе кои само ако обрнат малку внимание на начинот на исхрана – нема да треба да пијат по десет апчиња во денот.
Здравата исхрана комбинирана со некаква активност – барем пола час секој ден – е клучот кон доброто здравје. Не наоѓајте изговори. Секогаш ќе најдете милион причини за да не направите нешто. Прочепкајте длабоко во себе и одговорете си на следните прашања: „Дали парите што ги заработувам се повредни од мене? Што ќе правам со сето тоа „богатство“ ако се разболам?“
500 калории е еден сендвич од МекДоналдс, но и една цезар салата без толку сол и без никакви адитиви. Вреди да се размисли.