Во земја за која се вели дека, каде и да копниш ќе излезе некаков историски артефакт, читањето на древните записи е од суштинско значење за соодветна валоризација на таквото археолошкото наследство.
Доколку епиграфичарот не поведува „разговор” за да се разбере со каменорезецот, кој запишувал пред десетици векови, многу археолошки локалитети денес би останале безимени, безвремени и несоодветно вреднувани.
Т.н. „мртви јазици” и денес ни се потребни за да можеме да го читаме и толкуваме минатото.
Како подрачје кое изобилува со стари, новооткриени и археолошки наоѓалишта кои допрва чекаат да видат откриени, сосема е логично Пелагонија да изнедри стручњаци посветени на овој благороден и мистичен позив.
Весна Калпаковска, не само преку својот професионален ангажман (во образованието или низ прашливите наоѓалишта на терен – подеднакво) повеќе од две децении се вложува и во традиционалните културно-научни Пелагониски средби, кои се логична последица на тоа целокупно, не само археолошко, културно богатство и потенцијал кој традиционално извира од ова подрачје.
Сте студирале класични студии. Исто така, доктор на науки сте во таа област. Како Вие сте се одлучиле токму класичната филологија да биде Ваша животна определба?
– Животната определба доаѓа како резултат на препознатите афинитети (дарби) што ги носиме и желбата за истражување, откривање или себенадградување што е spiritus movens за сѐ во животот. Од аспект на мојата животна фактографија, би рекла дека одлуката за класичната филологија како животна определба се роди уште на првите часови по латински и старогрчки јазик во гимназиските денови преку задачите за растајнување или одгатнување на речениците што како задачи требаше да ги работиме, а притоа применувајќи ги принципите на граматиката, логиката, знаењето од историја, книжевност. Плодот од интеракцијата на сите овие принципи и знаење е успешно преведена реченица, растајнета мисла создадена, запишана или пренесена од пред илјадници години. Токму од радоста од овој плод се раѓа мотивацијата за пошироко и подлабоко откривање на светот на антиката, семиотиката и етосот на древните цивилизации. Знаењето на класичните јазици е клучот за отворање на „портите“ на античкиот свет и за „влегување“ во чудесниот свет на древноста, тоа е, би рекле, conditio sine qua non.
Во текот на мојата наобразба во класичната филологија имав чест да учам од исклучително добри професори, истакнати научни дејци и зналци со многу големи и длабоки знаења во областа на антиката, многу од нив познати и ценети и надвор од нашава држава. Така што заедно со мојата наобразба секогаш оди и мојата благодарност кон сите мои учители што нас студентите нѐ воведуваа во проучувањето на антиката.
Исто така во еден период од мојот живот јас имав можност и чест да поучувам ученици по латински јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“ и во СОУ „Таки Даскало“ во Битола и ним да го откривам чудесниот свет на антиката.
Епиграфиката е Вашата љубов. Кажете нешто повеќе околу тоа?
– Епиграфиката, конвенционално, е помошна историска наука, ама досега безброј пати се покажала како клучна, особено во археолошки контекст. Предмет на епиграфиката е расчитување и толкување на натписи врежани врз цврсти материјали – камен, метал, керамика… Историјата ги помни лицата што го одредувале и го насочувале текот на големите и клучни настани, додека епиграфиката дава фактографски и фактички потврди и за обичните луѓе кои на своите плеќи ја носеле историјата. Многупати некој натпис има клучен придонес во расветлување на одреден историски настан или на одреден археолошки контекст. На пр. во археолошките истражувања, ако се најде натпис каде се спомнува име на населено место веднаш се осветлуваат нови видици за местото, за начинот на живот во него, се поврзува со историографски извори и археолошки наоди, накратко – се отвораат нови хоризонти во истражувањата кои даваат голем придонес во науката.
На натписите често се сретнуваат формулаични зборовни изрази, особено на надгробните натписи или на натписите што произлегуваат од работата на некои управни тела од античкиот период, меѓутоа тежиштето на значењето на натписот е токму во неформулаичниот дел. Затоа, занимавањето со епиграфика односно со расчитување на натписи на латински и на старогрчки јазик бара одлично познавање на класичните јазици, античка историја, книжевност, археологија, религија. Класичните јазици како и сите други имаат свој развој низ историјата, па така одредени зборови што се врежани на натпис во некој век, имаат поинакво семантичко поле во друг век. Така натписите на старогрчки јазик од паганскиот период имаат сосем поинаква структура, смисла и значење од натписите, да речеме, од натписите од ранохристијански период, иако се напишани на ист јазик, и едната и другата категорија натписи рефлектираат различен цивилизациски светоглед и носат различни пораки.
Епиграфиката е симболичен „разговор“ меѓу каменорезецот што го врежал натписот и епиграфичарот кој сака да го растајни натписот и пораките во него премостувајќи ги вековите и милениумите што се наоѓаат меѓу нив двајцата.
Натписите на старогрчки и на латински јазик од античкиот (период на Римско Царство) и од ранохристијански период се поле на мојот интерес.
Како таа допрела до Вас?
– Студирајќи класична филологија и со големо искуство во преведување на текстови од латински и од старогрчки јазик голем предизвик беше и сѐ уште е да се влезе во „разговор“ со каменорезецот, па да се расчитува, да се открива и да се протолкува содржината на некој текст врежан врз камен пред многу векови, истиот да се смести во определен историски контекст, да се поврзе со одреден историски настан и сл. Честопати на натписите траги од некоја буква што била избришана уште во старина водат до заклучоци за „биографијата“ на натписот, улогата на натписот, преместувањето, пренамената, а пак тоа упатува на бројни сознанија за историскиот момент, економската моќ на населението, верувањата, начинот на живот и сл. кои пак им отвораат пат за натамошно проучување на денешните археолози, историчари и др.
Археолошкиот локалитет Хераклеја е неизоставно поврзан со Битола. Што навистина претставува тој, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на градот Битола, а имате и книга насловена како ,,Животот во Хераклеја Линкестис преку епиграфските споменици“?
– Што претставува Хераклеја доволно е да се види колку истражувачи, археолози, епиграфичари, домашни и странски, од минатото и во современоста, се занимавале со истражување и проучување на Хераклеја и во колку нивни дела има трудови посветени на некој наод или аспект од живеењето на древната Хераклеја. Натписите од Хераклеја се вклучени во многу светски познати епиграфски корпуси.
Книгата што ја спомнувате во Вашето прашање е коавторство со археологот Аница Ѓорѓиевска и е објавена пред дваесетина години. Во неа се претставени сите натписи од Хераклеја што беа познати и откриени дотогаш. Новооткриените натписи ги претставивме, а за некои од објавените натписи понудивме проширено и поинакво толкување. Сите сознанија од натписите овозможија да се направи „реконструкција“ на животот во Хераклеја во антиката. Се разбира дека има уште многу камчиња во тој хераклејски мозаик што допрва треба да се откриваат кои сигурно ќе осветлат и многу други аспекти од постоењето и живеењето на древната Хераклеја Линкестис.
Всушност, какви приказни раскажуваат Хераклејските епиграфски споменици?
– Епиграфските споменици од Хераклеја со зборови го документираат животот во градот. Натписите од античкиот период сведочат за римски цареви (Антонин Пиј, Септимиј Север, Аврелијан) во чија чест Хераклјеците подигале споменици со натписи во градот, има траги и за бришење на имиња на римски цареви кои по смртта биле казнети со damnatio memοriae односно бришење од сеќавањето; за војници во римските легии, родум од далечни земји, кои се погребани во Хераклеја, за истакнати жители на Хераклеја на кои им биле доделувани почесни титули како син или ќерка на градот, за луѓе што вршеле разни административни служби во тогашните управни тела, за првосвештеници на божества, за обичните луѓе – тоа е накратко Хераклеја во античкиот период. Има почесни споменици подигнати во чест на истакнати жители на Хераклеја кои имаат импресивен cursus honorum, тек на почести (или скалило на службени функции), или CV како што би рекле со денешна терминологија.
Хераклеја во ранохристијанскиот период исто така има своја документирана приказна. Покрај неколкуте ранохристијански базилики и бројни археолошки наоди со христијанска иконографија и симболика, има и епиграфски и историографски потврдени лица од Хераклеја кои дале обележје на градот во времето во кое живееле. Натписите од ранохристијанскиот период сведочат за епископи од Хераклеја што активно учествувале дури и на Вселенските црковни собори, лица од клирот (презвитер, псалт, чтец) и мирјани што живееле според Христовото учење и биле украсени со христијанските доблести.
Претседател сте на Здружението Пелагонски културно-научни средби кои организираат манифестација што се одржува во с.Новаци. Дали тие средби се уште еден бисер на нашиов крај?
– Пелагонските средби веќе се во третата деценија од нивното постоење. Стожерен настан во организација на Здружението се културно-научните средби што еднаш годишно, обично наесен, се одржуваат во с. Новаци каде учество земаат голем број творци од различни области, потоа нивните трудови се печатат во зборник.
Пелагонските културно-научни средби се здружение што е формирано од ентузијасти, опстојува и расте со ентузијазмот на сите досегашни претседатели и членови на здружението и на сите учесници, а се разбира и со поддршката од општина Новаци. Многу ни значи сѐ што досега е направено, а енергијата и ентузијазмот на нашите млади членови ни даваат за право да правиме поамбициозни планови и активности за следните години.
Што би им порачале на младите ентузијасти кои ја сакаат науката?
– Секој што вистински се занимава со наука знае дека науката е начин на живот и на размисла, или да парафразираме една мисла од генијалниот Микеланџело Буонароти – талентот е евтин, посветеноста на талентот е скапа. Оваа мисла го дава одговорот на Вашето прашање.